„Ју ту“ со рекорд: Осми број 1 албум на топ-листата на „Билборд“


САД – Групата „Ју ту“ (U2) го доби својот осми бр. 1 албум на топ-листата „Билборд 200“, откако албумот „Songs of Experience“ го симна „Reputation“ на Тејлор Свифт од врвот. Само две други групи имале осум или повеќе бр. 1 албуми. Тоа се „Битлси“ (19)  и „Ролинг стоунс“ (9).

„Ју ту“ е единствена група во историјата што има стигнато до првата позиција во четири последователни декади. На листата во 80-тите се најдоа на првото место со албумот „Joshua Tree“ (1987) и саундтракот „Rattle and Hum“ (1988). Потоа, во 90-тите со „Achtung Baby“ (1991), „Zooropa“ (1993) и „Pop“ (1997). Се најде и на врвот во 2000-тите со албумите „How to Dismantle an Atomic Bomb“ (2004) и „No Line on the Horizon“ (2009).

„Битлси“ имаше бр. 1 албуми во 60-тите и 70-тите, а нивниот успех продолжи во 90-тите и 2000-тите. Во 80-тите не успеаја да стигнат до првото место. Највисоко рангиран албум таа декада им беше компилацијата „Reel Music“ – колекција од нивните филмски песни – која стигна до 19-тото место во 1982 година.
Бендот „Ју ту“ е еден од четирите бенда што имале бр. 1 албуми во секоја декада, почнувајќи од 80-тите. Другите три, кои се соло-артисти, се Брус Спрингстин, Барбара Стрејсенд и Џенет Џексон. Стрејсенд е најдобра од сите – таа има бр. 1 албуми во последните шест декади.

Но што е со Мајкл Џексон? Тој нема бр. 1 албум од 2009 година, годината кога почина. Што е со Мадона? Таа нема бр. 1 албум уште од 90-тите (иако дојде блиску со пет бр. 2 албуми оваа декада! А, Принс и Бон Џови? Тие исто така не стигнаа до врвот уште од 90-тите.

„Songs of Experience“ оствари продажба од 186 илјади примероци, што вклучува и 180 илјади од традиционалната продажба на албум. Тоа е најдобрата продажба уште од „Hardwired… To Self-Destruct“ на Металика, кога тој албум се најде на првото место со продадени 291.000 примероци, од кои 282 илјади беа од продажба на албумот. Албумот на „Ју ту“ најмногу заработува преку продажбата на концерти карти и промоција на пакет-албуми во соработка на нивната турнеја „Experience + Innocence“, која започнува во мај 2018 година.

Бр. 1 албумот на „Ју ту“ претставува враќање во форма, откако последниот студиски албум на групата, со слично име како новиот (Songs of Innocence), се најде на 9-тото место пред три години. Тој албум беше бесплатен за симнување преку апликацијата „Ејпл ајтјунс“ на 24 септември 2014 година. Не можеше да учествува на топ-листите додека не беше комерцијално пуштен во продажба на 14 октомври. Но, дотогаш, интересот за албумот веќе беше опаднат.