Јапонскиот архитект Арата Исозаки е годинешен лауреат на Прицкеровата награда


Франција- Јапонскиот архитект Арата Исозаки е годинешниот лауреат на најпрестижната награда во архитектурата, Прицкер.

Исозаки се смета за највлијателен повоениот архитект на Јапонија. Тој е 46-тиот добитник на Прицкер, а осмиот јапонски архитект кој ја добива оваа чест.

Жирито на Прицкер го опиша како “разновиден, влијателен и вистински меѓународен архитект”.

Роден е 1931 година во Оита на Кјушу, трет по големина остров во Јапонија. Арата Исозаки имал само 14 години кога САД ги фрлиле атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. “Кога бев доволно возрасен за да почнам да го разбирам светот, мојот роден град беше запален”, вели Исозаки. Бомбардирањето на Хирошима, блиску до неговиот град, имало големо влијание врз него како дете. “Јас пораснав од нула”, се присетува тој. “Се беше во целосни рушевини и немаше архитектура, немаше згради, немаше ниту град. Ме опкражуваа само касарни и засолништа. Моето прво искуство во архитектурата беше празнината на архитектурата и почнав да размислувам како луѓето ќе ги обноват своите домови и градови “.

Закрепнувањето на Јапонија од војната ги дефинирало почетоците на архитектурата на Изозаки. Дипломирал 1954 година на Универзитетот во Токио, каде студирал под менторство на „нашиот“ Кензо Танге , лауреат на наградата во 1987 година.

Во 1963 година го основа бирото Arata Isozaki & Associates. Станува еден од најплодните архитекти, градски планер и теоретичар.

Добитник е на златниот медал на RIBA за архитектура во 1986 година, а 1996 е награден со Leone d’Oro на Венециското архитектонско биенале.

Неговата кариера се протега повеќе од шест децении, а неговота работа се состои од повеќе стотици објекти ширум светот, Азија, Европа, Северна Америка, Средниот Исток и Австралија.

Овогодинешното жири на Прицкер во кое членуваа победниците од 2007, Ричард Роџерс и 2010, Сеџима Казујо, ги сумираше животните достигнувања на Исозаки, истакнувајќи: „Тој е првиот јапонски архитект кој создаде длабока и долготрајна врска меѓу истокот и западот. Поседувајќи длабоко познавање на архитектонската историја и теорија и прифаќајќи ја авангардата, тој никогаш не реплицирал само status quo, туку го предизвикувал. ”

Доделувањето на наградата Прицкер 2019 ќе се одржи во Франција во мај, придружено со предавање во Париз.