Јанкулоска не смее да го напушта живеалиштето до извршувањето на казната


Судечкиот совет го прифати предлогот на СЈО и определи на Гордана Јанкулоска мерка на претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето и престојувалиштето до извршување на казната од шест години затвор што денеска и беше изречена за набавката на луксузниот „мерцедес С600“, за кој Специјалното јавно обвинителство поведе обвинение познато како „Тенк“.

Јанкулоска е прогласена за виновна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според судот, таа знаела дека се работи за исклучително скапо возило. Осудениот Никола Груевски ја поттикнал Јанкулоска да го купи возилото, таа, пак, со умисла го поттикнала Ѓоко Поповски да ја изврши задачата за набавката на возилото. Возилото е набавено во незаконска постапка, а се со цел да му се исполни желбата на Груевски, образложи судијката Кацарска.

Обвинителката Фатиме Фетаи по објавувањето на пресудата рече дека до правосилноста на пресудата постои можност за бегство на осудената Јанкулоска, но имајќи ги предвид нејзините семејни околности, предложи да и се определи мерка забрана за напуштање на живеалиштето до извршување на казната.

Сања Алексиќ, адвокатка на Јанкулоска, оцени дека предлогот на СЈО е неоснован и побара судот да не го прифаќа.

На изрекувањето на пресудата не присуствуваше Јанкулоска, само нејзините адвокати и претставници на СЈО.

Судењето за Јанкулоска, кое пред неколку месеци беше издвоено поради нејзината бременост, почна кон крајот на август годинава откако таа се породи.

Во „Тенк“ претходно беа осудени поранешниот премиер Никола Груевски на две години казна затвор и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, на 6,6 години затвор, за набавка на блиндирано моторно возило „мерцедес С 600 гард“ во вредност од 600 илјади евра.

Двајцата се жалеа до Апелацискиот суд за висината на казните. Апелација во петокот соопшти дека жалбата на Груевски е отфрлена и му ја потврди затворската казна од две години. На Поповски, пак, пресудата му е преиначена на четири и пол години затвор.