Ѕанакопулос: Потребна е промена на Уставот за да важи условот ерга омнес


Сигурно е дека уставното име треба да се промени за да може да важи условот ерга омнес, рече портпаролот на грчката влада Димитрис Ѕанакопулос во синоќешното гостување во дебатна емисија на грчката државна телевизија ЕРТ.

– За сложено име ерга омнес, за севкупна употреба, во секој случај предуслов е уставна ревизија, барем во однос на прашањето со уставното име. Според тоа, прашањето за промена на Уставот секако дека влегува, барем на овој степен. Останатите работи ќе се разговараат и на техничко ниво за тоа колку може да постојат толкувања на Уставот на соседната земја кои би можеле да се карактеризираат како иредентистички, но ова е прашање поврзано со толкувањето. Сигурно е дека уставното име треба да се промени за да може да важи условот ерга омнес, рече Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката влада, како што јави дописникот на МИА од Атина, објасни дека се потребни промени во македонскиот Устав, бидејќи во иднина „Уставниот суд на соседната земја може да одлучи дека Заев немал надлежност да го потпише конкретниот договор“, па затоа за Атина „единствен начин да се реши прашањето, барем, во однос на името е да има промена преку Уставот“.

Ѕанакопулос откри дека нацрт спогодбата сѐ уште е во фаза на разработка од грчка страна, а за доставувањето до Македонија, официјално ќе биде соопштено од грчкото МНР.

Во однос на актуелната клима меѓу двете земји и коментарот на новинарот дека е намален почетниот оптимизам, Ѕанакопулос објасни дека сите преговори имаат сопирања и забрзувања, а одбегна да открие технички детали за процесот.

– Во овој момент треба да ја најдеме неопходната формула за да стигнеме до решение. Ова е политичката цел на владата и секако едно решение што ќе биде и одржливо и секако ќе им дозволи и на двата народа, гордо, да си ги задржат нивниот идентитет и идеологијата, објасни портпаролот на владата на Грција.

Во дебатната емисија, како претставник на опозицијата беше потпретседателот на Нова демократија, Костис Хаѕидакис, кој говореше за позициите на неговата партија и рече дека е потребно да постои фер и одржливо решение, прифатено од Грција. Според него, иредентизмот и Уставот се поважни од името.

– Мицотакис рече: сакаме пакет решение што ќе тргнува од Уставот, од иредентизмот, не прифаќаме македонска нација. Овие се нашите приоритети, рече Хаѕидакис и паралелно упати критики до владата дека сметала оти е подобро прво да го извести архиепископот, а не партиите за конкретното прашање.

За позициите на владата и опозициската Нова демократија, во студиото на ЕРТ се разви жестока дебата со меѓусебни обвинувања на релација Ѕанакопулос – Хаѕидакис.

Владиниот портпарол, побара од потпретседателот на опозициската партија, да објасни во кој дел не се согласува со позициите на владата, дали за суштината или за процедуралниот дел.

– Која е суштината? Која е позицијата на владата? За да одговориме за суштината: започнавте од името, затоа и го крстивте проблем со името, односно само името и секој ден по реакциите што произлегоа додавате и по едно делче и се приближувате до позициите на Нова демократија. Дополнително се сетивте на сите останати прашања, одговори Хаѕидакис, упатувајќи обвинувања дека владата е поделена и има две позиции, едната на СИРИЗА преку Министерството за надворешни работи и премиерот, а другата на Каменос преку Министерството за одбрана.

Жестоката дебата на висок тон меѓу Димитрис Ѕанакопулос и Костис Хаѕидакис започна од различните позиции во прашањето за името, а меѓусебните препукувања и обвинувања, како што јави дописникот на МИА од Атина, се префрлија на други актуелни теми во грчката внатрешна политика.