Ѕанакопулос за името: Инсистираме на ревизија на Уставот


Атина – Портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос изрази надеж дека што е можно што поскоро да се најде заемно прифатливо решение за прашањето за името. Говорејќи за радиото „Сто Кокино“, тој објасни дека ова решение треба да биде во рамката што ја опишува Атина.

Ѕанакопулос рече дека разговорите во Скопје биле во многу добра клима, но сепак, сѐ уште има долг пат да се помине и потребна е доста работа за постигнување договор. Тој смета дека постојат политички предуслови за решение, но останува да се постигнат и техничките предуслови.

– Политичката волја е декларирана и од двете страни. Сепак, уште постојат технички прашања, правни прашања и прашања на реална спротивставеност на ставовите за низа прашања. Знаете дека власта на поранешната југословенска Република Македонија поставува некои прашања во однос на уставната ревизија, ние од наша страна инсистираме на ревизија на Уставот во однос на името на соседот, бидејќи тоа е потребно за да важи условот ерга омнес. Во оваа рамка продолжуваат разговорите и се надевам што е можно поскоро ќе стигнеме до заемно прифатливо решение во рамката што многу пати беше опишана од грчката влада, вели Ѕанакопулос.

Портпаролот на грчката влада објаснува дека она што во овој момент е важно, не е сложеното име, туку да се најде решение за сите останати политички и технички прашања за двете страни да стигнат до договор.

Во однос на тоа дали владата би имала мнозинство за евентуалниот договор да биде изгласан во парламентот, Ѕанакопулос вели дека доколку се постигне решение за сложено име за севкупна употреба, тогаш ќе се обезбеди поширок консензус.