Штедните влогови во косовските банки над три милијарди евра


Косово-Вредноста на штедните влогови во десетте комерцијални банки во Косово, до октомври годинава достигна над 3 милијарди евра, додека вредноста на кредитите над 2,6 милијарди евра.

Од Централната банка на Косово за Радио Слободна Европа (РСЕ) велат дека од вкупните влогови, над 2,2 милијарди се пари заштедени од домаќинствата, додека претпријатијата имаат депонирано над 750 милиони евра. Вредноста на заштедите во други валути изнесува 154 милиони евра.

Домаќинствата во вкупната задолженост со кредити во комерцијалните банки во Косово учествуваат со околу една милијарда евра, додека претпријатијата имаат кредити во висина од 1,6 милијарди.

Експертот за финансиски прашања Миљазим Абази за РСЕ изјави дека вредноста на заштедите не е пропорционална на вредноста на кредитите.

– Штедните влогови растат многу побавно од кредитите. Граѓаните имаат барања за кредити повеќе одошто банките можат да кредитираат, поради бавниот раст на депозитите, односно заштедите. Додека заштедите бележат раст од 6 отсто годишно, барањата за кредит се зголемуваат за околу 15 проценти, вели Абази.

Според него, Косово во споредба со земјите од регионот има најниско ниво на депозити по глава на жител.

Абази вели дека банките треба да ги зголемат каматите на штедните влогови за да се поттикнат граѓаните повеќе да депонираат, со што ќе им се зголеми и кредитниот потенцијал.

Според податоците на Централната банка на Косово, каматата за штедните влогови е само 1,5 отсто, додека каматите за кредит се движат меѓу 6 и 7,7 насто, зависно од видот на кредитот и од комерцијалната банка.

Инаку, буџетот на Косово за 2018 година изнесува 1,8 милијарди евра.