Шкендија бара од ФФМ да ги отфрли жалбите поднесени од Академија Пандев и од Вардар
Лидерот во Првата македонска фудбалска лига, екипата на Шкендија од Тетово побара од надлежните во ФФМ да ги отфрлат жалбите на Академија Пандев и на Вардар.
Според тетовци, Шкендија не го прекршила правилото за „младинец“ во првото полувреме, бидејќи по исклучувањето на Енис Фазлагиќ на дуелот со Академија Пандев, во 21.минута, домаќините останале со 10 фудбалери и така го доиграле натпреварот.
Го пренесуваме во целост соопштението на ФК Шкендија:
-Последниве два дена, однсоно веднаш по одигрување на натпреварот помеѓу екипите на ФК Шкендија и ФК Академија Пандев во неделата на кој ФК Шкендија победи, се појавија низа пишувања низ медиумите, различни недоволно стручни и вадени од контекст “толкувања” на прописите на Фудбалската Федерација на Македонија надополнети со поднесените жалби од страна на ФК Академија Пандев и ФК Вардар од Скопје по однос на наводен прекршок на “правилото младинец” од
страна на ФК Шкендија. Бидејќи сме активно инволвирани без наша воља во овој “случај”, а со цел да објасниме на целата јавност, како и да помогнеме на Комисијата за натпревари на ФФМ во носењето на праведна и правична одлука која е базирана исклучиво на прописите, во прилог подолу го изнесуваме официјалниот став на ФК Шкендија:
Во 21 минута од натпреварот, нашиот фудбалер под 21 година кој го запона натпреварот, Енис Фазлагич, доби црвен картон и беше исклучен од натпреварот.
Согласно член 20 став 3 од Пропозициите за ПРВА МФЛ, цитирам: “Сите клубови учесници во Првата лига првото полувреме мора да го започнат и завршат со еден домашен фудбалер кој нема навршено
21 година”. Иако во буквална смисла читајќи го овој член, истиот не е докрај јасен, сепак кон негово толкување треба да се има предвид намерата на законодавецот кога се носел овој пропис, а тоа е мадиот фудбалер под 21 година да го започне и заврши првото полувреме, односно одигра најмалку 45 минути на натпреварот. Од генералната одредба постојат исклучоци.
Во наредниот став од овој ист член 20 пишува: “Клуб кој првото полувреме го започне со голман кој нема навршено 21 година, во случај на измена /повреда нема обврска првото полувреме да го заврши со фудбалер кој нема навршено 21 година”. Овде е сосема јасно дека доколку предметниот младинец кој го започнал натпреварот е голман, во случај на негова измена/повреда, клубот не е обврзан на негово место да стави во игра нов младинец под 21 година, но доколку не е голман, тогаш клубот при негова измена/повреда има обврска во игра да внесе нов младинец кој ќе го доврши првото полувреме, или доколку нема друг младинец на клупата за резерви, првото полувреме да го доврши со 10 фудбалери (бидејќи со ниту еден пропис не е утврдено дека секој клуб мора на клупата за резерви да има уште најмалку еден млад фудбалер покрај оној којшто го започнал натпреварот). На тој начин клубот ризикува да го доврши првото полувреме со 10 фудбалери во случај на повреда на младинецот, а никако службено да го загуби натпреварот поради тоа што младинецот се повредил.
Единствениот и недвосмислен правен заклучок е дека НЕ СМЕЕ ДОКОЛКУ МЛАДИНЕЦОТ БИДЕ ЗАМЕНЕТ ВО ПРВОТО ПОЛУВРЕМЕ, НИТУ ВО СЛУЧАЈ НА ПОВРЕДА НА НЕГОВО МЕСТО ДА ВЛЕЗЕ ФУДБАЛЕР ПОВОЗРАСЕН ОД 21 ГОДИНА ВО ПРВОТО ПОЛУВРЕМЕ НА НАТПРЕВАРОТ.
Измената којашто ФК Шкендија ја направи во 36-тата минута од натпреварот воопшто не се однесува на запазување на правилото за младинец, бидејќи во случај да младинецот добие црвен картон,
клубот не е обврзан да внесе во игра нов млад фудбалер од клупата за резерви, туку едноставно ќе го доврши првото полувреме и целиот натпревар со 10 фудбалери меѓу кои нема потреба да биде и младинец. Согласно гореспоменатото, поднесените жалби од противничките клубови се целосно неосновани и бараме од Кoмисијата за натпревари да ги отфрли во целост, стои во соопштението на Шкендија.