Шекеринска: РКЕ треба да каже дали „Пуцко петрол“ има дозвола да работи со мазут
Побаравме од Регулаторната комисија за енергетика, како единствено задолжено тело, да каже дали компанијата што победи на електронската аукција има дозвола да работи со мазут или не. Ќе постапиме така како што ќе извести РКЕ, договорот не е реализиран, а досега ниту еден денар не е исплатен врз основа на овој договор.
Ова денеска го изјави министерката за одбрана Радмила Шекеринска, откако дел од медиумите вчера објавија дека компанијата „Пуцко петрол“, иако не поседува соодветна дозвола за трговија со мазут, во јуни оваа година учествувала на тендерот на МО за набавка на енергенсот.
– Тендерот е распишан за Министерството да врати стар долг на мазут во државните резерви. Но ова укажа и на еден покрупен проблем за кој вчера дискутиравме и на седница на Влада. А тоа е дека РКЕ лиценците кои ги издава имаат ист наслов и гласат „на сите нафтени деривати“, рече Шекеринска.
Според неа, кога ќе прочитате во лиценцата вид и обем, исто така се наведени сите деривати и практично ова се документи кои многу институции ги доведуваат во заблуда дека одредена фирма може да работи со одреден дериват, иако тоа не е така.
– Побаравме во измените на Законот за енергетика практично РКЕ да има обврска, многу јасно и гласно во насловот на документот што го издава да каже за кои продукти одредена фирма има дозвола, истакна таа.
Според неа, фирмите практично го кршат законот ако воопшто нудат нешто што немаат право да го спроведуваат и очигледно е дека многу работи биле оставени во сива зона, за да може некој во позадина тоа да го злоупотребува.
Додаде дека должност на институциите е да даваат точна и јасна информација, а не да создаваат сиви зони во кои е можна корупција, злоупотреба и незаконско постапување.