Шекеринска: Младите се најгласни за членство во ЕУ


Немам дилеми дека најгласните луѓе во Македонија за членство во ЕУ и НАТО се младите. Тие се свесни дека нивниот живот и животот на нивните семејства најбрзо можеме да го промениме преку членство во НАТО и Европската унија, рече вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска пред почетокот на панел-дискусијата „Младите за ЕУ, ЕУ за младите – перспективии можности“ што се одржа попладнево во скопскиот Градски парк.
Според Шекеринска, поканата за членство во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ се политиките што на младите им ги отвораат најшироко вратите.
– Кога ќе ги погледнете политиките на ЕУ ќе видите што е она што македонските млади го испуштаат, а сега им е на располагање на сите млади низ земјите – членки на ЕУ. Еден од тие примери е програмата Еразмус + која им овозможи на огромен број млади шанса да студираат бесплатно на различни универзитетити низ Европа, да стекнат обука и знаења. Овие програми полека се отвораат и кон младите во Македонија. Привилегијата што ја имаат земјите – членки на ЕУ сакаме да ја понудиме и на младите во Македонија, да имаат шанса за бесплатно студирање секаде низ ЕУ и да добијат шанса на целосно бесплатно здравствено осигурување, подвлече Шекеринска.
Таа потсети дека годинава, и без да бидеме земја-членка на ЕУ, почнавме со воведување на некои од европските придобивки, како што е Европската гаранција за млади.
– Македонија е првата земја надвор од ЕУ што ја понуди оваа шанса и веќе првите резултати во трите пилот општини – младите да добијат работно место, да волонтираат или да се обучат, се одлични. Но, едно е кога сте надвор од Унијата, а друго кога сте внатре и можете да ги искористите парите не само од вашиот буџет, туку и од буџетот на ЕУ, порача министерката.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски укажа на перспективите што стојат пред младите во земјава.
– Сите заеднички ќе бидеме исправени и ќе чекориме напред кон нови можности, нови работни места, поквалитетно образование, истакна Каевски.
Нина Ангеловска од „Групер“ пред присутните ги предочи своите, како што рече „пет П“ за патот кон успехот: пасија, потенцијал, постојано учење, проактивност и промени.
Панел-дискусијата беше организира по повод 12 Август – Меѓународниот ден на младите.