Чичко Цобе уште не е погребан, фалат 4.000 денари


Речиси два месеци по трагичниот настан во центарот на Скопје, во кој до смрт беше претепан Слободан Минциковски познат како чичко Цобе, тој сѐ уште не е погребан. Поради лошата материјална состојба на семејството, неговото тело и натаму е во капелата во Бутел, поради што пристигнуваат апели за помош. Ја пренесуваме молбата од Отец Оливер:

Скоро два месеци од немилиот настан во Скопје, кога после претепувањето чичко Цобе подлегна на повредите. Се сеќаваме на него, но вооедно и апелираме за дособирање на средства за да може да се погреба во Бутел. Слободан Минциковски (или како што го знаевме сите како чичко Цобе) продаваше стари книги, списанија и учебници во една од дрвените куќички покрај кејот на Вардар во делот на ‘Дрво Декор’. Тука беше постојано, спиеше, се хранеше и продаваше. Пред една година едниот син му загинува во сообраќајка.

Секоја сабота редовно го посетувавме и му носевме храна, но го посетувавме и во текот на седмицата, носејќи му постелнина, душеци, лекарства, завои и останато. На 2 август годинава се случи немил настан, кога во ноќните часови беше нападнат од четворица и беше претепан. После два-три дена, чичко Цобе подлегна на повредите и од тогаш сѐ уште е во капела Бутел и нема кој да го погреба.

Не беше евидентиран како бездомник, затоа што имаше куќа на негово име во едно скопско село, не примаше социјална помош, има син и ќерка кои не се во можност да ги покријат во целост трошоците.

Во изминатиов период се потрудивме да ја решиме оваа ситуација и стапивме во контакт со институции, погребалното Бутел и неколку други здруженија. Останаа уште 4.000 ден кои се потребни за да може конечно чичко Цобе да се погреба.

Доколку сте во можност да помогнете ве молиме да нѐ контактирате, за да ве насочиме каде да го извршите плаќањето“.