Чаир: Момче на мотор повредено при судир со автомобил


Сообраќајна несреќа се случи синоќа во Чаир, кога мотор удри во автомобил на раскрсницата на улиците „Џон Кенеди“ и „Благоја Паровиќ“. Тешко е повреден возачот на моторот, кој со возило на Брза помош беше префрлен во Ургентен центар.

Сообраќајката се случи синоќа околу 23 часот, веднаш по завршувањето на натпреварот Хрватска – Англија. Младото момче, на возраст од неполни 30 години, го гледало натпреварот во кафуле на улицата „Џон Кенеди“. Сведоци велат дека потоа станал и со силна брзина поминал со моторот по улицата. Се вратил уште еднаш, при што на раскрсницата се судриле со автомобилот. Тој пак, удрил во друг автомобил што идел од спротивна насока.

– Се слушна силен тресок. Излегов пред зграда да видам што е. Моторот е целиот скршен. Момчето беше со видливи повреди – раскажува сведок.

Полицијата до доцна во ноќта правеше увид.

По улицата „Џон Кенеди“ често се вози со голема брзина, особено во ноќните часови.