Црногорскиот министер за европски прашања поднесе оставка


Црногорскиот министер за европски прашања Александар Андрија Пејовиќ денеска поднесе оставка на функцијата, откако беше обвинет за судир на интереси.

Црногорската Агенција за борба против корупција оцени дека Пејовиќ има судир на интереси, бидејќи од мај минатата година покрај министерската, ја извршувал и функцијата амбасадор во Мисијата на Црна Гора во ЕУ.

Пејовиќ соопшти дека оставката ја поднесува од морални причини, со цел да ја ослободи Владата од притисокот да мора да ја спроведе одлуката на Агенцијата за борба против корупцијата.

Тој нагласи дека и покрај поднесената оставка, смета дека не го прекршил законот, наведувајќи дека слични примери има и во Хрватска и во Србија, каде главните преговарачи за членство во ЕУ во исто време биле и амбасадори во нивните мисии во Унијата.

Извори во црногорската Влада соопштија дека премиерот Душко Марковиќ ја прифатил оставката на Пејовиќ.