Ципрас до Бутарис: Тоа што не те убива, те прави посилен


Тоа што не те убива те прави посилен, му рече грчкиот премиер на солунскиот градоначалник на почетокот на нивната средба во Солун, во врска со нападот врз Јанис Бутарис минатата сабота.

И Ципрас и Бутарис, по средбата, рекоа дека не станува збор за случаен, туку организиран инцидент, а грчкиот премиер го карактеризираше како „убиствен напад“, јави дописничката на МИА од Атина.

– Нападот врз Јанис Бутарис не беше случаен и изолиран инцидент, туку планиран и организиран напад. Градоначалникот на Солун немаше ништо од претходно со луѓето што го нападнаа. Не беше прв пат на манифестацијата во чест на пондијскиот хеленизам, секоја година присуствува, рече Ципрас и ја изрази неговата поддршка за Бутарис за „убиствениот напад од организирани сили од радикалната десница“.

Солунскиот градоначалник му се заблагодари на грчкиот премиер за поддршката и рече дека она што го помина минатиот викенд не беше случајно.

– Јасно е дека беше организирано, Не знам која им беше крајната цел. Но она што знам е дека нема да оставиме да помине така. Трите „војничиња“ што беа казнети со затвор се само “играчки“. Она што е важно е да стигнеме до коренот, да видиме од каде почнува, рече Бутарис и додаде дека Солун треба да стане пример за демократски град.

Солунскиот градоначалник во саботата за време на одбележувањето на годишнината од геноцидот на пондијските Грци најпрво вербално нарекувајќи го „предавник“, а потоа и физички со пластични шишиња беше нападнат од група граѓани во центарот на Солун.