Цените на нафтата на највисоко ниво во последните три години
Цените на нафтата на светските берзи минатата недела се зголемија за повеќе од три проценти, достигнувајќи највисоко ниво во последните три години како резултат на намалената нерамнотежата меѓу понудата и побарувачката.
На берзата во Лондон цената на барел нафта порасна за 3,3 отсто на 69,87 долари, додека во Њујорк енергенсот поскапе за 4,7 отсто на 64,30 долари.
Тоа се највисоки цени на нафтата од крајот на 2014 година, а на нивниот раст влијаат проценките дека понудата и побарувачката наскоро може да се изедначат.
Организацијата на државите извознички на нафта (ОПЕК) заедно со производителите на енергенсот кои не се членки на картелот, уште од јануари минатата година се обидуваат да воспостават рамнотежа меѓу големата понуда и намалената побарувачка, со ограничување на дневното нафтено производство.
Тие постигнаа договор дневното производство на нафта да го ограничат на 1,8 милиони барели, квота што се очекува да важи најмалку до септември, а можеби и до крајот на годината.
Рускиот министер за енергетика Александар Новак минатата недела најави дека ОПЕК и останатите производители на нафта наскоро ќе разговараат за евентуално продолжување на договорот.
Според него, иако вишокот на нафта на пазарот е намален, сепак понудата и побарувачкаѕа и натаму не се урамнотежени.
На растот на цената на нафтата влијаеше и економскиот раст на најголемите светски економии, што се очекува да резултира со зголемување на побарувачката на „црното злато“, но и намалувањето на резервите во САД.
– Неоспорен е фактот дека американските резерви на нафта се на најниско ниво од август 2015 година. ОПЕК е се поблизу до својата цел за намалување на резервите во државите од ОЕЦД на петгодишниот просек. оценува берзанскиот аналитичар Тамаш Варга.
Сепак, според експертите, одржувањето на цените на нафтата на ниво меѓу 65 и 70 долари за барел, би можело да ги поттикне американските производители на зголемување на производството на нафта од шкрилци.
– Доколку гледате некои моменти показатели, тие укажуваат дека цените на нафтата се превисоки. Но, од друга страна, постојат низ фактори што ја одржуваат таа цена на пазарот, смета директорот на Одделот за енергетика во компанијата „Мизухо“, Роберт Јогер.