Цвеќарите на Бит-пазар оставени да венеат
Четиринаесет тезги сместени на неколку квадратни метри зад Поликлиниката „Битпазар“. Тоа е новиот Цветен пазар во овој дел од градот откако стариот е дислоциран покрај булеварот „Крсте Петков Мисирков“. Тезгаџиите никако да се помират со ситуацијата, тврдат дека прометот им е намален за десет до дваесет пати, а трошоците им се исти, па дури и зголемени. Бараат спас од општинските власти во Чаир и во Скопје, но топката се префрла од еден кај друг, а тие се оставени сами на себе.
Малкумина знаат дека Цветниот пазар веќе не е во рамки на Бит-пазар. Таму сега е празнина, тротоарите се слободни за минување. Камиони и машини за градежна механизација го чистат теренот каде што до пред неколку дена имаше еден куп тезги, продавачи, разни видови цвеќиња… Според планот на општинските власти, таму ќе се стави нов асфалт и ќе се направи простор за стационирање на таксистите.
Цвеќарите се „замолени“ да се префрлат на другата страна од булеварот, на паркингот во близина на седиштето на Исламската верска заедница. Но, до неделава беа поставени на главната и прометна улица, илјадници возила минуваа низ тој дел, граѓаните добро знаеја каде се, пазарејќи на Бит-пазар ќе застанеа и кај цвеќињата, а сега се лоцирани во споредна улица, во близина на булеварот „Александар Македонски“ – брзата делница што води до и од Скопје… Нема веќе минување „патем“, сега мора со цел да се оди таму.
„Катастрофа, погледнете и сами како оди прометот“, велат продавачите.
Просторот им го обезбедија општинските власти, но тезгите не се бесплатни. Чинат пет илјади денари месечно.
„Немаме ниту вода. Кај се видело цвеќиња без вода? Ама, во оваа наша држава сѐ бидува. Нѐ префрлија без да нѐ прашаат за решение. Ветуваат дека ќе ни дадат тезги во новиот пазар што треба да биде готов за 18 месеци. За тоа време, ќе плаќаме и за новиот пазар и за сегашните тезги, кои ни прават чист зијан. Кога бевме на булеварот кај Бит-пазар, знаевме да направиме и по десет илјади денари дневен промет, а сега едвај 500 или илјада. Цвеќињата не се стока без рок на траење. Ако не ги продадеме за три до пет дена, слободно може да ги фрлиме. А како да ги продадеме кога жив човек не поминува? Секој од нас на тезгите има цвеќиња, односно стока вредна минимум три илјади евра. Пресметајте во колкава загуба сме и допрва ќе бидеме“, револтирани се продавачите.
Тврдат дека во изминативе денови се обиделе да остварат средба со градоначалникот на Чаир, како и со првиот човек на Град Скопје, но и на двете адреси им рекле оти не се надлежни, односно ги препраќале од едно на друго место. Не веруваат во смирувачките ветувања дека сѐ ќе биде во ред и оти набргу ќе се изнајде решение.
Во поголем дел од денот ги нема и дивите тезги покрај булеварот околу поранешната Стоковна куќа „26 Јули“. Полицијата води редовна борба со продавачите на патики, парчиња облека, ситни предмети и играчки, кои своите производи ги нудат на картонски маси или на распослани чаршафи. До душа, за целосен успех потребно е полицијата да биде таму постојано, оти само што ќе си замине, пак стара песна. Така беше и вчера: исчистено беше некаде до 13 часот, а потоа само за неколку минути на тротоарот веќе не можеше игла да падне.
„Што правиме толку лошо за да мора да нѐ брка полицијата? Вадиме лепче, продаваме за да заработиме некој денар, ханзапласт за десет денари, каква заработувачка има тука? Полицијата не ги брка вистинските криминалци, се занимава со нас“, се бунат дивите тезгаџии.
Оние другите што легално плаќаат за тезга на пазарот не сакаат да се замеруваат со нелојалните конкуренти, но ја оправдуваат акцијата на полицијата.
„Разбираме, голема сиромаштија е, секој сака да заработи некоја пара за семејството, тие луѓе да имаат не би биле на улица, ама ние секој месец плаќаме по 4.500 денари кирија и мораме да ги извадиме плус тие пари, а дивите продавачи нѐ рушат со поевтини цени, затоа што тие ги немаат овие трошоци“, признаваат тезгаџиите на Бит-пазар.
Избрканите продавачи на дреболии и на цвеќе не се помируваат лесно, па секој ден го блокираат сообраќајот на булеварот „Крсте Петков Мисирков“. Протестите се мирни, десетина полициски возила се тука за секој случај, а лути се единствено возачите, кои мора да вртат кругови околу Бит-пазар. За разлика од предниот дел, во заднинскиот владее идила. Таму сѐ си функционира по некој непишан ред, дивите тезги ја окупираат единствената улица, музика трешти од сите страни, граѓаните едвај минуваат, но никому не му пречи. Како што велат властите, важно е сите да бидат во кругот на пазарот. Или со други зборови, булеварот да биде чист и впечатлив за минување. Така наредните година и половина кога треба да „никне“ новиот Бит-пазар.
Горан Адамовски