Хоџа:Заев е Робин Худ, сакам да му помогнам
Несудениот советник на премиерот, Џезаир Шаќири, алијас командант Хоџа во интервју за емисијата „Стадион“ за Канал 77 изјави дека Зоран Заев бил еден вид Робин Худ за граѓаните во Македонија и дека затоа сакал да му помогне.
„Ако му помогнев со обезбедување гласови ќе му наштетев кај македонскиот електорат. Затоа се договоривме да ги помагам реформите и борбата против криминалот “, изјави Хоџа во интервјуто.
Тој Заев го посочи како „колега“ од Парламентот од 2001 година кој го замолил за помош на што тој му одговорил: Ако ме замолиш за директор или министер уморен сум, не можам да прифатам“.
Не сум убил никого, тврдеше Хоџа, додавајќи дека не е осуден ниту за едно дело за криминал и дека изминатите години се криел и се бранел од неправдата на бившата власт која била длабоко криминализирана. Тој потврди дека имал големи тешкотии како да ги нахрани петте деца изминатите години , споменувајќи патем и други пикантерии – дека поранешниот министер за финансии Трајко Славески му дошол во Танушевци и да бил терорист ќе го држел десетина дена и цела Македонија ќе останела без плата,како и тоа дека да е навистина соработник на француските или германските служби немало да трпи за леб сега.