Хоти: Владата на Харадинај ја ограбува државата, мора да се смени


Шефот на пратеничката група на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Авдулах Хоти, смета дека косовската владејачка коалиција е нефункционална и опстојува единствено поради тоа што интересите на партнерите се многу големи и во основа претставуваат грабеж на државата.

– Овие интереси се остваруваат преку државниот буџет, кој се претвори во грабеж по пат на незаконски одлуки на Владата. Седниците на Владата се одржуваат за да се донесат одлуки за остварување на специфичните интереси на коалициските партнери, изјави денеска Хоти.

Тој нагласи дека „доколку тие интереси не се усогласат пред седниците на Владата, тогаш министрите од незадоволната партија не учествуваат на седницата“.

Претставникот на најголемата опозициска партија во косовскиот Парламент рече и дека коалицискиот партнер од српската зеадница во Владата на Рамуш Харадинај, Српската листа, воопшто не учествува на владините седници, иако нејзините министри секојдневно одат на работа во своите кабинети.

– Личните интереси ги остваруваат со даноците на косовските граѓани, рече Хоти.

Тој го критикуваше и Собранието, за кое рече дека „се води катастрофално“ и станало „арена на залудни судири“, со што се „парализира неговата уставна функција за надзор врз работата на Владата“.

За претседателот на државата, Хашим Тачи рече дека ја блокира работата на Централаната изборна комисија, со тоа што не ги именува новите членови, кршејќи го на тој начин Уставот и Законот за избори.

Потпретседателот на ЛДК го повтори барањето за поддршка од граѓаните за, како што рече, „засекогаш да се симне од врат оваа политичка класа која ја краде иднината на новите генерации“.

– Косовските граѓани нема да и простат на оваа владејачка каста. Потребна ни е голема поддршка од граѓаните за еднаш и засекогаш да ја симнеме од врат оваа политичка класа, порача Хоти.