Харадинај: Разговори за границите водат кон трагичното минато


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај на денешната седница на Комисијата за Договорот за стабилизација и асоцијација, која ја сочинуваат пратеници на косовското Собрание и на Европскиот парламент, повторно се спротивстави на идејата на претседателот на Косово, Хашим Тачи за „корекција на границите“ со Србија.

Харадинај изјави дека се надева на мировен договор со Белград, но нагласи дека разговор за границите го води регионот во правец на трагичното минато.

– Кога зборуваме за границите, тоа значи дека се враќаме во минатото, се враќаме на трагедиите. А, она на што се надеваме е еден мировен трактат меѓу Косово и Србија. Го поддржувам дијалогот со Србија, но не со враќање во минатото. Во тоа минато, доцнењата не чинеа човечки животи, изјави Харадинај на состанокот на Комисијата на косовските и европските пратеници.

Косовскиот премиер им се заблагодари на европратениците за минатонеделното изгласување на одлуката за визна либерализација за патување на граѓаните на Косово во земјите членки на ЕУ и ја нагласи посветеноста на неговата Влада на европската агенда која произлегува од Договорот за стабилизација и асоцијација.