Харадинај пријавил дека поседува имот вреден милион евра


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај во Антикорупциската агенција пријавил недвижен имот во вредност од околу еден милион евра, како и пари во готово и годишни приходи во висина од околу 90.000 евра.

Според пријавата за имотната состојба на Харадинај, тој на свое име поседува станбен објект во вредност од 300.000 евра, земја во вредност од 27.000 евра, куќа вредна 202.000 евра и стан од 70.000 евра.

Во заедничка сопственост, косовскиот премиер пријавил семејна куќа во вредност од 270.000 евра и земја вредна 75.000 евра.

Вкупно, невижниот имот на Харадинај, вклучително и автомобилот на неговата сопруга, вреден 8.000 евра, изнесува над 950.000 евра.

Косовскиот премиер пријавил и дека поседува пари во готово во износ од 5.049 евра, како и финансиски побарувања од 34.000 евра.

Што се однесува до годишните приходи, Харадинај заработува околу 90.000 евра, од кои 13.568 евра годишна плата, 2.700 евра годишно на име инвалидска пензија и 73.000 евра од наемнини.

Антикорупциската комисија ги презентираше споменатите податоци неполн час откако порталот „Газета Експрес“ објави дека меѓу анкетните листови на државните функционери истаканти на соодветната веб страница, го нема и оној на премиерот.