Харадинај: Позитивен извештај од ЕП до крајот на август, на крајот на годината се укинуваат визите


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај, по објавувањето на позитивниот извештај од Европската комисија (ЕК) и препораката за визна либерализација, порача дека Косово конечно ја прими долгоочекуваната вест и дека кон крајот на годината косовските граѓани ќе патуваат во Европа без визи.

Во објава на Фејсбук, Харадинај ги припиша заслугите за позитивниот извештај на Владата која тој ја води, која, како што вели, минатите месеци „работеше без да се штеди за исполнување на последните критериуми на ЕУ“.

– Народот на Косово сосема оправдано се радува денеска на позитивната препорака на Европската комисија за слободно движење во земјите на ЕУ, при што ќе се третираат еднакво со сите други граѓани на регионот и на Европа, напиша Харадинај.

Најавувајќи дека либерализацијата за Косово во Европскиот парламент (ЕП) ќе се расправа до крајот на август, а сиот процес ќе се заврши до крајот на годинава, косовскиот премиер вети продолжување на борбата против корупцијата и организираниот криминал и постојано јакнење на владеењто на правото.

Харадинај изрази уверување дека ЕП и Советот на Европа ќе ја испочитуваат денешната препорака на ЕК и дека косовските граѓани ќе патуваат без визи.

Оценката на ЕК за напредокот на Косово во исполнувањето на критериумите и препораката за визна либерализација, попладнево на прес-конференција во Брисел ја соопшти еврокомесарот Димитрис Аврамопулос, заедно со косовскиот претседател Хашим Тачи.