Харадинај: Папата ми рече дека народот на Косово му е при срце


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај информираше денеска за посетата на Ватикан, каде што од папата Франциско и државниот секретар Пјетро Пароли побара Светата столица да ја признае независноста на Косово, јавува дописникот на МИА од Приштина.

Харадинај на прес-конференција изјави дека поглаварот на Католичката црква му рекол дека народот на Косово му е при срце и дека се надева оти оваа земја „ќе се пронајде себеси како земја на мирот“.

– Темата на признавањето беше во фокусот на разговорот. Имав можност да му кажам за Косово и дека сме подготвиле барање за признавање, рече Харадинај.

Тој му се заблагодарил на папата за грижата за Косово.

– Му се заблагодарив за грижата за Косово и го изнесов барањето, Косово да биде признаено како независна држава, бидејќи народот гледа во него со надеж. Тој го прифати барањето отворено и рече дека народот на Косово му е при срце и дека ќе се моли за земјата со надеж дека таа ќе се пронајде себеси како земја на мирот, изјави Харадинај по вчерашната средба со папата.