Харадинај за одлуката на Српска листа: Едностраните мерки не се добри


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска изрази надеж дека партијата Српска листа ќе ја преразгледа одлуката за напуштање на неговата Влада.

– Едностраните мерки и прекинот на соработката не се добра работа, изјави Харадинај по вонредната седница на косовскиот Совет за национална безбедност.

Седницата на Советот беше одржана по вчерашниот инцидент во Косовска Миторовицa и денешната одлука на Српска листа за напуштање на Владата и за самостојно формирање на Заедницата на српски општини.

– Тоа е избрзана и штетна најава. Видовте што се случи вчера кога нема комуникација. Подобро е се да вратиме на маса и да одиме напред. Уверен сум дека ќе најдеме заеднички јазик, наместо да дејствуваме еднострано, рече Харадинај.

Во врска со најавата на Српска листа дека утре во Косовска Митровица ќе се одржи седница на претставници на сите 10 општини во Косово со мнозинско српско население, на која ќе се договораат за формирањето на ЗСО, Харадинај потседи дека пред неколку дена рекол оти досега „не се занимавал со Заедницата на српски општини“.

– Имав поважни работи. Имавме доста проблеми и се уште не сум запознат (со ЗСО), рече Харадинај.

Осврнувајќи се на изјавата на директороот на српската владина Канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ дека не знае дали ќе продолжи бриселскиот дијалог, Харадинај изјави дека во интерес на Приштина е тој да продолжи.