Харадинај: Големата вест од ЕУ за визите за Косово доаѓа за 10 дена


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај ја најави како „голема вест“ одлуката што ќе ја донесат идниот месец претставниците на Европската унија во извештајот за напредокот на Косово во однос на визната либерализација, јавува дописникот на МИА од Приштина.

Според Харадинај, ова е еден од најважните моменти во процесот на либерализацијата на движењето на граѓаните на Косово во земјите на Западна Европа.

Претседателот на косовската Влада информира дека во врска со ова прашање очекува да се сретне со надлежните структури во Брисел во наредните десетина дена.

– Во наредните 10 дена не очекува средба со претставници на ЕУ и враќање кон европската агенда. Во јуни доаѓа големата вест, но работата не се завршува со тоа, затоа што по ова треба да се фокусираме на националните прашања, им изјави попладнево Харадинај на новинарите во Приштина.

Тој ги повика сите косовски фактори, вклучително и медиумите, да придонесат во процеот на евроинтеграцијата на земјата.

Во косовската јавност, во медиумите, се позачестени се информациите дека во јуни ќе се добие препорака, а пред крајот на годинава ќе се либерализира визниот режим кон Шенген-зоната.