Харадинај алудира за странска вмешаност во убиството на Ивановиќ


Косовскиот премиер Рамуш Харадинај алудира дека убиството на локалниот српски политичар Оливер Ивановиќ е резултат на „незаконско мешање во северниот дел на Косово од страна на странски институции“.

Тој одржа прес-конференција по вонредната седница на Советот за национална безбедност на Косово, свикана по денешното убиство на Ивановиќ во Косовска Митровица.

Харадинај не соопшти детали кои надворешни сили ги обвинува за вмешаност во убиството на лидерот на Граѓанската иницијатива „Слобода, демократија, правда“. Косовскиот премиер истакна дека ја разгледува можноста да побара професионална помош во истрагата и од американскиот ФБИ, но го отфрли српскиот повик да учествува во неа.

Харадинај го осуди убиството на Ивановиќ и побара ова злосторство да не се користи за разни политички цели.

– Ивановиќ беше активен во политичкиот живот, затоа ова убиство има мерки на политички злоупотреби или повеќе од тоа. Од моментот кога дознавме за таа вест, институциите ги презедоа сите мерки и обврски според законот и се уште се наоѓаат на местото на инцидентот. Ние го осудуваме тој чин и секој обид да биде злоупотребен за политички цели од било кого, нагласи Харадинај.

Косовскиот премиер додаде дека убиството на Ивановиќ е изолиран случај и ситуацијата на Косово е стабилна и мирна.

– Тоа не значи дека не постои опасност од можни терористички напади, изјави Харадинај.