Хан утре во Тирана го отвора скринингот


Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, утре попладне ќе престојува во Тирана.

Целта на посетата е да ги објасни чекорите кои треба да се преземат за скрининг процесот,како прв чекор кон отворање на пристапните преговори помеѓу Албанија и ЕУ, во јуни 2019 година.

Во албанската метропола тој ќе се сретне со претседателот на државата,Илир Мета,премиерот Еди Рама,како и со други владини претставници,но, според албанските медиуми не и со претставници на политички партии.

– Јас ќе бидам во вторник во Тирана за да започнеме со подготвителната работа. Во прашање е амбициозна и сеопфатна работа, каде што треба да ги разгледаме сите области опфатени во 35 поглавја, изјави претходно Хан.

Пред посетата,Хан јасно стави до знаење дека Албанија треба да продолжи поангажирано во спроведување на реформите и исполнувањето на петте приоритети за да добие позитивен одговор за почеток на преговорите.

Во врска со договорот меѓу Албанија и Грција за определување на морската граница, беше категоричен дека ЕУ нема да и отвори врата на ниедна земја која има проблеми со соседите. Притоа искажа оптимизам дека прашањето за границата ќе биде решено набрзо.

Тој од албанските власти побара поголема ангажираност и во правец на намалување на големиот број неосновани барања за азил на албански граѓани во земјите на ЕУ.

Еврокомесарот Хан во Тирана ќе допатува по престојот во Скопје.