Османи: Незрелоста на албанските партии ме зачлени во СДСМ


„Албанските опозициски партии имаат шанса да спасат некој преостанат глас бидејќи, ако продолжат со досегашните чекори, сите нивни гласачи ќе дојдат кај нас. Верувајте дека секој ден во СДСМ се обраќаат Албанци што се повеќе разочарани од опозиција отколку што беа разочарани од ДУИ и ДПА.“
Османи: „Убеден сум дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за потребните реформи. Ако ова не го направат како партија, тогаш пратениците игнорирајќи ги партиските задачи ќе гласаат индивидуално.“
Поранешниот новинар Хади Османи е меѓу првите албански јавни личности кој реши да премине во редовите на партијата СДСМ на премиерот Зоран Заев. Оваа одлука Османи ја смета за правилна и чекор во вистинско време бидејќи граѓанскиот концепт што го почувствувал за време на посетите на европските држави го забележал во оваа партија. СДСМ на минатогодишните локални избори го кандидираше Османи за кандидат за градоначалник на општина Липково. Во интервју за „Независен“, Османи оценува дека освен граѓанскиот концепт, политичката незрелост и несериозност на албанските партии го натерале да стане член на македонска партија.

Како еден од првите јавни албански личности што преминаа во редовите на СДСМ, може да ни кажете зошто токму македонска партија или поточно СДСМ беше вашиот избор?
– Одлучив да станам дел од СДСМ бидејќи сакам да ја променам целокупната состојба на Албанците, но и на сите граѓани на Македонија. Се решив за СДСМ бидејќи албанските партии се несериозни, неискрени и партии што знаат да те измамат. Кај партиите на власт имаше мито и корупција, додека пак кај опозицијата незрелост и неискреност. Со еден збор, албанските опозициски партии сакаа само да бидат како партиите на власт, и ништо друго. Јас во СДСМ видов успешен граѓански концепт каков што има во земјите каде што имигрирав, така што решив тој животен систем да го донесам тука.

СДСМ на последните парламентарни избори доби голема поддршка од Албанците во Македонија. Дали е ова знак за нивна политичка зрелост или не?
– Да. Со одлуката да гласаат за СДСМ, Албанците во Македонија покажаа поголема зрелост и искреност отколку досегашните албански политички чинители. Гласачите ги осудија злоупотребата и криминалот и ни ја покажаа траекторијата низ која треба да се движиме. Фактички, тие ни ја дадоа пораката: Ние сакаме граѓански концепт и стабилна економија!

Албанските опозициски партии се соочуваат со големи внатрешни проблеми. Движењето Беса е поделено на две крила, додека Алијансата ја напушти Владата. Дали овие чекори покажуваат дека двете партии работат за нивни или за интересите на граѓаните?
– Како што реков, двете албански партии, Алијансата за Албанците и Беса, на почетокот покажаа наивност и незрелост, а со последните случувања покажаа дека имаат цел да ја заменат партијата што е на власт. Анализирајте ги битките што се водат во опозицијата: Беса имаше раскол околу позицијата прв човек во партијата, додека Алијансата за Албанците поради едно министерско место одлучи да излезе од Владата. Дали сѐ уште треба да мислиме дека овие партии работат за доброто на Албанците и воопшто за доброто на граѓаните на Македонија?

Се појавија информации дека премиерот Зоран Заев сака да го засили или осигура парламентарното мнозинство и поради тоа разговара со лидерите на сите албански опозициски партии. Дали конечно ќе се реши проблемот со кворумот во законодавниот дом?
– Подолг период парламентарното мнозинство и стабилноста се на иста линија. Албанските партии треба да одберат дали ќе ги поддржат реформите и интеграциите или, пак, регресот и изолацијата. Албанските партии треба само да ги преземаат лекциите како треба да се работи. Сега имаат шанса да спасат некој преостанат глас бидејќи, според нивните досегашни чекори, сите нивни гласачи ќе дојдат кај нас. Верувајте дека секој ден во СДСМ се обраќаат Албанци што се повеќе разочарани од опозиција отколку што беа разочарани од ДУИ и ДПА.

ВМРО-ДПМНЕ и натаму цврсто стои на ставот дека ќе се врати во Собранието само кога ќе се разговара за законот за јазиците, но не и за реформите. Како ќе се реши проблемот кога ќе дојде моментот во Собранието да се гласаат закони за кои се потребни најмалку 80 гласа?
– ВМРО-ДПМНЕ ја плати цената за изолацијата и деструктивноста. Сега останува на нив да решат и да оценат дали ќе продолжат на ист начин или ќе се свртат кон стабилизација. Јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ ќе премисли кога ќе дојде моментот за реформите. Ние имаме потреба од сериозна и стабилна опозиција и не би сакал целосно да ја снема. Тие се уверија што значи секој ден да си против светот, особено против западните земји. Сега, кога и на маса се е познато, нивно е да направат избор, но убеден сум дека ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за потребните реформи. Ако ова не го направат како партија, тогаш пратениците игнорирајќи ги партиските задачи ќе гласаат индивидуално.

Блерим Исмаили