Францускиот сенатор Оливер Кадик во посета на македонскиот Парламент


Францускиот сенатор и претставник на француските државјани кои живеат надвор од Франција Оливер Кадик, денеска ќе има средби во македонскиот Парламент.

Кадик ќе има средба со претседателот на Собранието Талат Џафери, со претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Никола Попоски, како и со Панче Иванов претседателот на Пратеничката група на македонското Собрание за соработка со Парламентот на Француската Република. Францускиот сенатор ќе присуствува и на приемот по повод Денот на независноста.

Кадик од вчера е во посета на Македонија. Освен средбите во Собранието планирано е тој да го посети Француското интернационално училиште во Скопје (ЕФИС) и Францускиот институт во Скопје (ИФС). Тој ќе оствари средба со директорите на француските компании присутни во Македонија и ќе присуствува на приемот организиран во негова чест од страна на амбасадорот Кристијан Тимоние во резиденцијата на Франција. Во таа пригода, сенаторот ќе се сретне со француската заедница во Македонија.

Во сабота, тој ќе ги посети Француските воени гробишта во Скопје и ќе положи венец за да им оддаде почит на паднатите француски војници на територијата на Македонија за време на Првата светска војна. Тој ќе ја посети и Спомен куќата – Музеј посветена на историјата на Македонскиот фронт.

Кадик како млад претприемач на дваесетгодишна возраст, одлучил во 1982 година да формира своја компанија, „Info Elec“. Седум години подоцна, Инфо Елек стана компанија со ограничена одговорност со капитал од еден милион франци. Во 1994 година, неговата успешна кариера го донесе на позицијата потпретседател на GFIE, групацијата добавувачи од електронската индустрија.