(Фото) Доделени телевизиските Оскари: Тоалетите на наградите „Еми 2018“


САД– 70.Еми награди, познати како Оскари во телевизиската индустрија, синоќа ги привлече очите на јавноста, а и годинава на црвениот тепих продефилираат ѕвездите во креации од светските модни имиња.

Серијата „Игра на тронови” на американската кабелска телевизија Ејч-Би-О (HBO) ја доби наградата Еми за најдобра драмска серија на гала вечерта во театарот „Мајкрософт” во Лос Анџелес. Наградите ги доделува Академијата за филмски уметности и науки.

По третпат, „Игра на тронови” ја доби наградата Еми во оваа категорија. За оваа категорија имаше вкупно 22 номинации. „Игра на тронови” ги победи сериите „Американци”, „Круна”, „Приказната на слугинката”, „Почудни нешта”, „Западен свет” и „Тоа сме ние”.

Во категоријата за најдобар комичен серијал наградата ја однесе „Прекрасната г-ѓа Мајсел“ на Амазон – приказна за еврејска сопруга, изневерена и оставена од сопругот, кој започнува нов живот и предизвикува скандал. Серијата ги победи во трката комичните серии: „Атланта”, „Бери” „Блекиш” (Black-ish“), „Силиконската долина”, „Нескршливата Кими Шмит”.

Во категоријата за најдобар минисеријал победи продукцијата на каналот Еф Екс „Убиството на Џани Версаче”.

Британската актерка Клер Фој ја доби наградата Еми за најдобра актерка во драмска серија за улогата на младата кралица Елизабета Втора во серијата „Круна”.

Британскиот актер Метју Рис беше награден со „Еми” за најдобар актер во драмската серија „Американци”.

Тенди Њутн доби Еми за најдобра актерка во споредна улога во драмска серија „Западен свет”. Наградата „Еми” за најдобра споредна машка улога во драмска серија му беше доделена на Питер Динклиџ за неговата улога во „Игра на тронови”.

За најдобра актерка во комедија беше прогласена Рејчел Броснан за „Прекрасната г-ѓа Мајсел“. За најдобар актер во комедија беше прогласен Бил Хадер за улогата во „Бери“. Хенри Винклер доби наградата за најдобар актер во споредна улога во комичниот серијал „Бери”. Алекс Борштајн ја доби наградата за најдобра споредна улога во комедијата серија за „Прекрасната г-ѓа Мајсел“.

За минисерија за најдобар актер е прогласен Дарен Крис за „Убиството на Џани Версаче”, а за најдобра актерка Реџина Кинг за „Седум секунди”. За споредни улоги наградени беа Џеф Даниелс и Мерит Вивер за минисеријата „Заборавени од богот”.