(Фото) Дискретна елеганција: Рози Мицкоска или Ганка Цветанова?
Прославата на ВМРО-ДПМНЕ во МНТ исфрли во јавноста нова стилска ѕвезда, а не потсети на друга поранешна стилска ѕвезда. Сопругата на лидерот на ВМРО-Рози Мицкоска од Струмица, професор по македонски јазик во средното училиште „Орце Николов“ и поранешната министерка за култура и потпретседател на партија Ганка Цветанова синоќа имаа стилски двобој, иако во амбиентот на чистка на најголемата опозициска партија, кога се славеше 125-годишнината од формирањето на историското ВМРО, во барокниот МНТ доминираа господата наспроти дамите.
И г-ѓа Мицкоска и г-ѓа Цветанова избраа едноставна и елегантна гардероба, искомбинирани со соодветни салонки и мали чантички. Елегантната приказна на Рози Мицкоска беше потенцирана со дискретната чипка на блузата и на работ на здолништето, а пак Цветанова, која додека беше на високи функции, во мандатот на премиерот Љубчо Георгиевски ја обожаваше црната боја за свечени настани- синоќа остана доследна на најелегантната боја во модата, но со бели детали и ремен- изглед кој се надополнуваше со бојата на косата. Сега со локни наспроти боб фризурата која ја обожававме пред петнаесетина години.
И двете дами оставаат впечаток на негуваност. Без накит и со дискретна шминка. Цветанова, на времето, во интервју ми изјави дека жената секогаш треба да биде жена. Без разлика дали е на функција или е домаќинка. Тоа треба да го имаме како кодекс, беше искрена Цветанова.
Како министерка за култура, беше задоволна од македонските дизајнери. На облеката потпишана од светските модни креатори гледаше на нешто невозможно и нереално за наши услови. И сега, како професор на Музичката академија во Скопје е доследна на дискретниот, но впечатлив стил.
Лејла Сабит Фото: Борис Грданоски