Фактите се вакцина против сомнежот


Сунчица Стојановска Зоксимовска

Како од изум што го спасил човештвото вакцините станаа отров што ги осакатува децата, е дилема која веројатно ќе се дебатира долго, колку и што трае дискусијата – дали пронаоѓачот на првата вакцина, британскиот селски лекар Едвард Џенер, е спасител или измамник кој експериментирал врз сиромашно сираче за да ја докаже својата, во тоа време, луда теорија за вакцинацијата?

Прва вакцина во светот е онаа против големи сипаници. Ја пронашол Џенер во 1796 година, и тоа сосема случајно. Во тоа време, постоела локална традиција меѓу работничките кои молзеле крави дека тој што ќе се зарази со таканаречените кравји сипаници не добива големи сипаници. Истражувајќи го тоа селско уверување, тој сфатил што лежи зад она што сега го нарекуваме стекнување имунитет. Во суров експеримент, Џенер вбризгал гној од раката на болна млекарка во здраво 8-годишно дете кое го земал од сиропиталиште. Шест недели подоцна, го заразил детето со мали сипаници, но тоа не се разболело. Останатото е историја.

Оттогаш поминаа два века. Во тој период, одвреме-навреме се појавувале противници на вакцините, но се чини немало толку силно движење како во последните неколку години, кога е потпомогнато од социјалните мрежи. Сега се чудиме, како дојдовме во ситуација граѓаните да не веруваат во една од најефикасните и најдостапни мерки за чување на јавното здравје? Како тоа вакцинацијата во многу земји на ЕУ не е задолжителна, а опфатот е над препорачаниот од 95 отсто, само благодарение на личната свест?

Кај нас скептичноста на граѓаните кон вакцинацијата е дел од општата недоверба и незадоволство од целото јавно здравство. Причините се многубројни: недоволно информации што им ги даваат педијатрите на родителите пред да ги вакцинираат децата, првенствено за составот, квалитетот и за користа на вакцините и „премолчувањето“ на можните несакани реакции, што доведува до отсуство на релевантни информации од релевантни луѓе. Тоа, пак, се пополнува со „знаење“ собрано од интернет од сомнителни извори. Тука се и компликациите што секако ги има, а му се случиле на свое дете, на дете на роднина, на познајник… Во таа дилема „за“ и „против“ секој прво „гугла“, па со два клика на интернет сите станавме експерти за медицина, за вирусологија и за имунологија. Оние што навистина се стручни, или не беа доволно гласни, или криеја дека е паднат опфатот на вакцинација и во Македонија. Последиците од таа недоволна комуникација се она што го гледаме денес – голем број родители се во грч дали воопшто да му стават вакцина на детето. Тој грч можеби е пострашен од разногласието за тоа дали невакцинирано дете може да се запише во училиште. Оти, кога ќе доведете родител во ситуација од страв или од сомнеж да верува на надрилекар наместо на лекар, тоа покажува дека нешто сериозно не ви штима во тој систем на имунизација. Дополнително, кога задолжителната вакцинација ќе ја наметнувате со услови, па веднаш мириса и на репресија. Тука се накалемува и прашањето – дали државата треба да ми наредува како да се грижам за здравјето на моето дете, или јас како родител сум тој што треба да одлучи што е корисно, а што е штетно за него? Што ако му се случи нешто? И, ако се случи, како државата ќе му помогне? И тоа се целосно оправдани прашања кои родителите имаат право да ги поставуваат.

Пред две години ја имав истата дилема, кога мојот тогаш едногодишен син требаше да ја прими вакцината против МРП. Таа што наводно предизвикува аутизам. Јас, што ни витамин Ц не давам на дете ако не сум убедена дека навистина му е потребен, што вртам на сите што ги знам, од специјалист до хирург за да се убедам дека сирупот што ми го дале за кашлица е вистинскиот, што сметам дека јасно разликувам факт од убедување или шпекулација… Прашалници потсвесно наметнати од околината ми беа во глава сѐ додека докторката, стручњак од стара школа, не ми го разбистри погледот. Рече – да, вакцината не гарантира дека детето нема да се разболи. Не гарантира ни ако се разболи, дека лесно ќе помине. Компликации може да има, но не му се случуваат секому и секогаш. Јас не можам да знам дали ќе ви се случат токму вам. Ама, од искуство велам, подобро ќе се заштитите ако примите отколку ако одбиете вакцина. Можете да ја одложите на одредено време. Одлуката е ваша, мојот совет е вакцинација.

Во која насока ќе се движи општата дискусија и каков на крај ќе биде заклучокот зависи од здравствените власти во земјата. Тие треба да најдат начин да ги убедат скептиците дека диспанзерите се местата каде што треба да се бараат и да се најдат одговорите. Дебати треба да прифатат и оние што непосредно ги ставаат вакцините, и оние над нив кои ја кројат здравствената политика. Она што треба да го понудат се искреност, транспарентност и факти, оти искуството покажа дека довербата во вакцините не се втерува со казни. Потребна ни е редовна и јасна статистика – колку деца се вакцинирани, колку од нив добиле несакани реакции, кои се тие реакции. Да се повторува сто пати ако треба дека вакцините не се носат преку паралелен увоз од подруми во Турција, туку подлежат на строги контроли. Некогаш, на неодлучните, само еден збор им е доволен да донесат одлука, а многупати се докажало дека транспарентноста е ефикасен начин за борба против сомнежот.