Условна казна за новинарката Ивона Талевска


Новинарката Ивона Талевска доби условна затворска казна затвор од две години ако во наредните четири години не стори кривично дело . Пресудата беше соопштена денеска по само едно одржано рочиште во скопскиот Кривичен суд. Талевска ја призна вината и сите дејствија во обвинителниот акт, по што за очекување беше дека ќе помине со условна казна.

Таа ќе мора да ја врати и вкупната штета од околу 45.000 евра во рок од една годинна.

Нејзиниот адвокат побара судот да го земе предвид нејзиното признание, како и тоа што таа е државјанин на РМ, работи во Сител ТВ, има семејство во Македонија и досега не е осудувана.

Претставникот на Државното правобранителство кажа дека се бара отштета во износ наведен во обвинителниот акт. Претходно, обвинителката Елена Јосифовска го презентира обвинителниот акт пред судијата Софија Лаличиќ. Таа побара осудителна пресуда и плаќање на избегнатите обврски.

Претставникот на Државното правобранителство Зоран Петковски не беше во можност да се произнесе за висината на штетата, по што беше дадена пауза, по која судењето продолжи откако тој од УЈП ги добил потребните информации.

Случајот „Тифани“ се однесува на кривично дело што траело од 2008 до 2014 година, при што Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ за даночните 2008 – 2014 година одбегнала да плати даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што одбегнала да плати 2.314.463 денари или 37.634 евра преку фирмите и 1.040.840 денари или 16.924 евра личен данок.