Унгарски портал: Орбан лут на Хрватска


После неколку недели во кои односите меѓу Хрватска и Унгарија ги одбележија позитивни гестови, пред неколку дена дошло до заладување на односите, пишува унгарскиот портал Индекс.ху.

Порталот наведува дека Орбан е многу лут на Хрватска поради обновувањето на црвената потерница по Жолт Хернади. Унгарскиот премиер смета дека Хрватска со тој потег ја предала Унгарија, пренесува хрватски Индекс.хр.

Унгарскиот портал објавува и цела позадина на односите меѓу Хрватска и Унагрија која на крајот довела до бесот на Орбан.

Како што наведува Индекс.ху, односите меѓу двете држави веќе некое време се затегнати поради случајот Ина-МОЛ и хрватското барање за екстрадиција на Хернади. Токму поради тоа Унгарија минатата година го блокираше влезот на Хрватска во Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД).

Потоа сепак дојде до пресврт. Во Европскиот парламент на 12 септември беше одржано гласање за покренување постапка за одземање на правото на глас на Унгарија според членот 7 од Европскиот договор. И додека 448 европратеници гласаа против Орбан, односно за одземање на правото на глас, 197 беа против, меѓу кои и тројца хрватски европарламентарци од ХДЗ.

Од тој ден односот меѓу двете земји се смени и Владата во Будимпешта ја укина блокадата за влез на Хрватска во ОЕЦД.

Индекс.ху наведува дека Орбан тогаш очекувал дека Хрватска во знак на благодарност ќе ја повлече потерницата по Хернади, што не се случи.

– Хрватска овој проблем го крена на политичко ниво, го цитира Орбан унгарскиот портал, и наведува дека унгарскиот премиер им се заканил на хрватските власти со „уште посилна реакција“.