Три момчиња нападнале скопјанец и му го одзеле возилото, по што направиле две сообраќајки


Во Скопје на булеварот „8 Септември“ во близина на крстосницата со булеварот „Илинден“, вчера околу 15 часот, додека С.С. (19) од Скопје управувал патничко моторно возило „пежо“ со скопски регистарски ознаки, бил пресретнат од патничко моторно возило „даеву рејсер“ со скопски регистарски ознаки, од кое излегле И.С. (19), Ш.С. (27) и М.С. (21), сите од с.Љубин, кои најверојатно поради нерасчистени должничко-доверителски односи физички го нападнале С.С., а потоа му го одзеле возилото и избегале.

С.С. се упатил во ГОБ „8-ми Септември“ каде му е укажана лекарска помош и е пуштен на домашно лекување. Двајца од напаѓачите, бегајќи од местото со возилото „даеву“, управувано од Ш.С., движејќи се со голема брзина во село Сарај на улица „1724“, удриле во патничко моторно возило „фолксваген пасат“ со скопски регистарски ознаки, при што М.С., сопатник во возилото „даеву рејсер“ и возачот се здобиле со повреди. На неколку метри од местото на незгодата патничко моторно возило „пежо“ управувано од третиот напаѓач И.С. (19) удрило во бетонски ѕид.

Од страна на полициски службеници во Сарај лишени се од слобода И.С., Ш.С. и М.С. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.