Тридневна жалост во Косово поради смртта на Адем Демачи


Претседателот на Косово, Хашим Тачи прогласи тридневна жалост по повод смртта на познатиот активист за човекови и национални права на косовските Албанци, Адем Демачи.

– Во знак на почит за ликот на истакнатиот деец, Адем Демачи, претседателот на Република Косово, Хашим Тачи, врз основа на неговите уставни и законски надлежности, прогласи тридневна жалост во Косово, односно во петок, сабота и недела, се вели во соопштението на претседателскиот кабинет.

Во текот на овие три дена, државното знаме на Косово ќе се симне на пола копје во сите државни институции во и надвор од земјата.

Посмртните останки на Демачи, денеска од 09:00 до 20:00, и утре претпладне ќе бидат изложени во Собранието на Косово, каде што денеска во 11 часот ќе се одржи комеморативна седница.

Погребот, со највисоки државни почести, за чија организација е формиран Организационен одбор, ќе се изврши утре напладне во Гробиштата на великаните во Приштина.

Адем Демачи почина вчера на 82-годишна возраст. Во времето на комунистичка Југославија помина 28 години во затвор поради неговите политички убедувања и дејствување. Во 1991 година, откако беше пуштен од затвор, Европскииот Парламент му ја додели наградата за мир „Сахаров“.