Тинејџерка од Тетово загина во несреќен случај
Петнаесетгодишно девојче од тетовското село Доброште го загуби животот под чудни околности. Според информациите од полицијата, во полициското оделение во Теарце, вчеравечер околу 23 часот дошол Б.Б. (46) од Доброште, кој рекол дека истиот ден околу 15 часот заедно со неговата малолетна жерка со возило „махиндра“ биле во атарот на селото да собираат дрва. Во еден момент, додека неговата ќерка била во возилото, а тој собирал дрва, возилото, од непознати причини, се отпуштило и тргнало надолу. Петнаесетгодишното девојче се исплашило и скокнала од возилото, но удрило во камен и се здобила со повреди во пределот на главата. Таткото го зел девојчето во раце и пеш тргнал кон Доброште, со цел да ја однесе во болница. По пат го сретнал соселанецот А.А., кој со возило „Џип“ ги однел до селото.
„Кога пристигнале, забележале дека од здобиените повреди, малолетното девојче починало и одлучиле да не ја носат во болница, туку ја однеле дома во нивната семејна куќа. Бидејќи пријавителот бил видно вознемирен, случајот веднаш не го пријавил во полиција. Телото на починатото дете, од страна на семејството со асистенција на полициски службеници е предадено во судска медицина за обдукција“, соопшти МВР.