Тетовскиот „рамбо“ настрада по пет години бегство


Јетнон Реџепи викан Лапи (38) од тетовско Ларце настрада вчераутро во престрелка со полицијата во близина на неговиот дом. Тој пет години беше во бегство откако не се врати од штипскиот затвор, од каде што беше пуштен на слободен викенд. Таму ја издржуваше 12-годишната затворска казна поради убиство, но во неговото досие има уште еден куп други кривични дела, поради што вкупно требаше зад решетки да мине 26 години и 10 месеци.

Според информациите од Министерството за внатрешни работи, акцијата за апсење на бегалецот, против кого беше распишана меѓународна потерница, беше реализирана во раните утрински часови. Припадници на единицата „Тигри“ се доближиле до неговиот дом. Во минатото Реџепи дури во четири наврати успеваше да ги избегне полициските стапици, поради што сега бил подготвен посебен план за негово лишување од слобода и приведување, особено зашто постоеле сознанија дека е вооружен и опасен за околината.

При акцијата, тој фрлил рачна бомба кон полициските службеници, а потоа се дал во бегство, облечен во панцирен елек, вооружен со автоматска пушка со три рамки со куршуми за автоматска пушка, со карабин, пиштол марка ‘ТТ 7.62’ со рамка куршуми и четири рачни бомби. При повторниот обид за негово лишување од слобода, на околу 200 метри од неговата куќа, лицето повторно отворило оган кон полициските службеници, пукало, притоа повторно обидувајќи се да фрли и рачна бомба кон нив, по што му било возвратено и лицето било лишено од живот“, велат од Министерството.

Станува збор за лице против кое во периодот од 2000 до 2016 година биле поднесени шест кривични пријави за сторени 16 тешки форми на кривични дела меѓу кои убиство, убиство во обид, грабнување, противправно лишување од слобода, недозволено држење оружје или распрскувачки материи, како и тешка кражба, разбојничка кражба, одземање моторно возило, тешка телесна повреда и учество во тепачка.

Реџепи побегна од штипскиот затвор во 2013 година кога бил пуштен на отсуство. Тој е осуден на 12 години затвор за убиството на Фатмир Лика во 2002 година и издржал половина од казната. Реџепи со уште две лица го киднапирале Лика пред вториот влез на градскиот зелен пазар во Тетово и го убиле поради поранешни нелегални бизниси. По злосторството, тој побегна од државата и во 2004 година беше екстрадиран од Словенија. Неговото име, фотографија и генералии стојат на интернет-страницата на МВР во делот за потерници.  (Г.А.)