„Тенк“ продлжува во петок, одбиени сите приговори на одбраната на Груевски


Судечкиот совет ги одби сите приговори на одбраната во случајот „Тенк“, во кој обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски, за набавката на луксузниот „Мерцедес“ од 600 илјади евра.

Обвинетите нема да ги добијат прислушуваните материјали во аудио форма и тие во овој предмет ќе се користат како докази.

Одбиен е и приговор на адвокатката Сања Алексиќ, која ги оспори двете вештачења предложени од СЈО, а се на нивната листа на докази, со образложение дека вештаците немале валидни сертификати или им биле со изминат рок, а не им биле продолжени.

Станува збор за економско-финансиско вештачење и сообраќајно технички вештачења за набавка на „Мерцедесот“.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, која е една од обвинетите за случајот „Тенк“ на денешното рочиште рече дека кај неа како обвинета постои сомнеж за објективноста на изработените две вештачења за набавениот „Мерцедес“.

– Ниту јас како обвинета, ниту моите бранители немавме можност да учествуваме со свои предлози и забелешки во вештачењето кое го нарачало СЈО, рече Јанкуловска.

Адвокатот на Груевски, Димитар Дангов, побара од судијката Добрила Кацарска утре да не се одржи рочиште за „Тенк“, за Груевски да се спремел за рочиштето за „Траекторија“, кое е закажано за в среда.

Според Дангов, било нечовечки Груевски во шест дена, секој ден да се појавува на судења што се водат против него.

Судот прифати утре да нема рочиште за „Тенк“, иако беше веќе закажано, а следното рочиште го закажа за во петок.