Телефонски разговор Меркел-Заев – поддршка да се најде заемно прифатливо решение за името
Премиерот Зоран Заев телефонски разговараше со германската канцеларка Ангела Меркел, која дала поддршка за изнаоѓање заемно прифатливо решение за спорот со Грција околу името.
Меркел имаше одвоени средби со Заев и со грчкиот премиер Алексис Ципрас на маргините на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа минатата седмица во Софија, а за важноста која таа му го придава на спорот покажува и тоа што прес-конференцијата во Софија ја почна токму со поздравување на напорите кои ги вложуваат двете земји во обидите да најдат решение за името.
Со Меркел денеска телефонски разговарал и грчкиот премиер Ципрас, јави радио Дојче веле.
Кабинетот на Меркел потврди дека таа разговарала со двајцата премиери, но не изнесе повеќе детали.
Заев и Ципрас преговараа за името на маргините на Самитот во Софија, по што македонскиот премиер изјави дека пронашле опција која е прифатлива за двете страни. По лидерската средба викедов Заев ја соопшти опцијата – Република Илинденска Македонија, а Кабинетот на Ципрас кусо потоа излезе со соопштение во кое бара во името да биде содржана временска или географска одредница.
Македонската Влада останува на ставот дека предлогот Република Илинденска Македонија е решение прифатливо за двете страни, додека официјална Атина инсистира името да се одбере од пакетот предлози на Метју Нимиц.
Двете страни ги изнесуваат позициите пред новата рунда преговори за името. Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас в четврток и петок ќе имаат нова средба со медијаторот на Обединетите нации, Нимиц.