Тачи потрошил над 500.000 евра државни пари за да лобира за средба со Трамп


Кабинетот на косовскиот претседател Хашим Тачи од буџетот на Косово и платил 517.198,56 евра на американска лобирачка компанија блиска до претседателот на САД, Доналд Трамп.

Во договорот со компанијата „Балард Партнерс“ се наведува дека овие над половина милион евра се платени за „консултантски услуги“, за потребите на косовското Претседателство.

Според косовската телевизија КТВ, компанијата не е случајно избрана, со оглед на блискоста на нејзините раководители со Администрацијата на претседателот Трамп, со кого Тачи бара да се сретне во Белата куќа.

Информацијата ја обавил и самиот шеф на компанијата, Брајан Балард, чиј правен сектор соопшти дека тој на 20 април годинава се сретнал со Трамп во Мар-А-Лаго и му го пренел барањето на косовската амбасадорка во Вашингтон, Вљора Читаку за средба со Тачи.

Сомнежите за злоупотреба на јавни пари од страна на Тачи ги покрена парламентарната опозиција во Косово, по што е најавено дека фактите ќе бидат утврдени од страна на собраниска комисија која се очекува да се формира специјално за овој случај.

Пратеникот на Социјалдемократкста партија, Фатон Топали, покрај овие, споменува и милион евра јавни пари, за кои известуваат и медиумите во Приштина, кои наводно Тачи ги платил за објавување и промоција на неговата биографска книга „Нова држава, модерен државник“, за која се ангажирани познати британски новинари.

Тачи неговата биографска книга ја промовира низ Европа, па така, меѓу другите, пред десетина дена беше во Виена, а минатата недела и на Универзитетот во Оксфорд.

КТВ наведува дека се уште не се знае дали 517-те илјади евра ќе резултираат со средба на Тачи со Трамп.