Тахири: Мисијата на ЕУЛЕКС завршува на 14 јуни


Мисијата на Европската унија за владеење на правото во Косово (ЕУЛЕКС) се очекува да остане уште извесно време во земјата, но без извршни надлежности, јави дописникот на МИА од Приштина.

Косовскиот министер за правда, Абелард Тахири за „ИндексОнлине“ потврди дека ЕУЛЕКС го завршува мандатот по две недели, а се очекува истиот механизам да ја продолжи работата, но сега со советодавна улога.

– На 14 јуни завршува мандатот на ЕУЛЕКС. Значи, ќе биде надзорен и советодавен механизам за институциите кои ја спроведуваат правдата, изјави за приштинскиот портал министерот Тахири.

Претходно, амбасадорите на земјите членки на ЕУ се согласиле за продолжување на советодавниот мандат во Косово.

– Европската мисија ќе даде поддршка на одредени институции во Косово кои се одговорни за обезбедување на владеењето на правото, се наведува во предлог-одлука на претставниците на ЕУ во Приштина.