СЈО демантира дека имало обид за атентат врз Фатиме Фетаи


Специјалното јавно обвинителство ги демантира медиумските написи дека имало обид за атентат врз обвинителката Фатиме Фетаи. Информацијата што ја објави Шќипмедиа, од СЈО велат дека не е точна и дека тој ден кога се случил инцидентот обвинителката не била во Боговиње.

„Ова Јавно обвинителство категорично ги демантира написите на некои медиуми во кои се тврди дека определен инцидент во село Боговиње, случен на 7 февруари оваа година, е поврзан со обвинителката Фатиме Фетаи и во кои се шпекулира дека во заднината на инцидентот бил обид за атентат врз неа. Информираме дека на тој ден обвинителката ниту била во Боговиње, ниту пак тој настан има каква било поврзаност со Фетаи“, велат од СЈО.

Според информациите од билтенот во средата околу 18.00 часот, полициски службеници му дале знак на патничко моторно возило „БМВ“ со скопски регистерски ознаки да застане. Откако возилото застанало, и кога полициски службеник се доближил, возачот го стартувал „БМВ“-то и удрил во полициското возило и во други паркирани возила. При обидот за бегство, едно од лицата кое било сопатник во возилото испукало два куршуми од пиштол во воздухот, а неколку куршуми во воздух испукале и полициските службеници. Подоцна во денот лицата биле пронајдени и приведени во полициска станица.