Сурферот што преживеа 26 часа на отворено море: Во повеќе наврати се простив од животот


Сурферот Горан Јабланов од Словенија, кој беше пронајден жив откако исчезна во големото невреме, кое пред два дена го зафати Јадранот, проговори за речиси 26-часовната борба со брановите на отворено море.

Професорот по физичко исчезна во близина на Савудрискиот светилник, во близина на Умаг, и беше пронајден жив во Италија. Поминал дури 40 километри, а морето го исфрлило на плажа во близина на Трст.

„Сè ми помина низ глава. Прва работа што ми падна на памет е дали треба да ја оставам штицата за сурфање и да се обидам со пливање да стигнам до брегот“, изјави Јабланов (47) за кого проблемите почнале веднаш по влегувањето во морето.

За словенечката телевизија „Поп ТВ“ тој рече дека во неколку наврати мислел дека сè е готово и практично се простил од животот. Тој бил соочен со урагански ветрови, кои надминувале брзина од 100 километри на час, а брановите достигнале висина до три метри.

Неговиот пријател Оливер Билјан вели дека јарболот му се скршил на околу 200 метри од светилникот Рофулина. Во потрага се впуштила и пулската капетанија, но потрагата по него била запрена поради лошите временски услови.

Чудото во кое малкумина веруваа се случи следното попладне. Сурферот што помина 26 часа на отворено море и помина 40 километри, морето го исфрли на плажа во Италија кај Трст. По еден ден во болницата, тој беше пуштен на домашно лекување.