Судскиот процес за „Тврдина таргет“ закажан за 22 декември


Предметот Тврдина-Таргет за сомнежите за нелегалното прислушување на граѓани од 2009 до 2015 година, од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање во МВР, почнува на 22 декември. Со судечкиот совет претседава судијата Ленка Давиткова, објави порталот „Сакамдакажам.мк“.

Главните обвинети Горан Грујевски и Никола Бошкоски, во моментов се во притвор во Грција и неизвесно е дали и кога ќе бидат екстрадирани во земјава. Останатите обвинети Сашо Мијалков, Гордана Јанкулоска и Тони Јакимовски се во Македонија. Ним им се одземени пасошите како мерка за обезбедување присуство.

Специјалното јавно обвинителство вчера соопшти дека ја доби првата правосилна пресуда од сите случаи што ги поведе откако е основано, а таа беше токму за обвинението „Тврдина Таргет“. Условна осуда доби обвинет од овој предмет, кој признал вина помагање во кривичното дело. Судската постапка за ова лице е завршена тајно поради заштита на неговата безбедност, бидејќи ова лице, освен што ја признало вината, дало придонес и во докажувањето на делот со бришењето на логовите од прислушувањето во УБК, како што утврди странски експерт.
Оваа постапка, водена издвоено, е почната и завршена без присуство на јавноста во Основниот суд Скопје 1. Се завршила брзо, со претходна спогодба на обвинетиот со СЈО за признавање на вината.