Судска седмица за Груевски


Само четврток е слободен ден, во текот на оваа работна седмица, за поранешниот премиер и актуелен пратеник Никола Груевски. Сите други четири дена тој треба да се појави во Кривичниот суд  за неколку случаи што против него и негови соработници додека беше на власт ги води Специјалното јавно обвинителство.

За утре е закажано рочиште за случајот „Тенк“, односно набавката на блиндираниот мерцедес од 600.000 евра, што сегашната Влада најави дека ќе го продава и со парите од него ќе набави медицинска опрема. Во овој случај обвинета е и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Судења за „Тенк“ се закажани  за вторник и за петок. Во среда, пак, поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ треба да седне на обвинителна клупа за предметот „Траекторија“, односно за договорот со кинеска компанија за изградба на автопатишта. За тогаш се закажани три судења за исто толку предмети, во периодот од 9.30 до 11.30 часот.
Вторник е, всушност, најнабиен ден во Кривичниот суд во однос на предмети за кои има подигнато обвиненија СЈО. Покрај „Тенк“, за тогаш се закажани и рочишта за случаите „Труст“ и „Тарифа“. Предметот „Труст“ се однесува на тендерот што го распишале ЕЛЕМ за ископување јаловина и јаглен од рудникот Суводол во Битола. „Тарифа“, пак, е за злоупотреба на службената положба и овластување при спроведување јавна набавка за софтвер на ЕЛЕМ.

Минатиот петок, откако излезе од Кривичниот суд, по рочиштето за предметот на СЈО „Т.Н.Т“ за рушењето на „Космос“, Груевски се пожали дека е секојдневно повикуван на суд. Тој рече дека, за разлика од него, на премиерот Зоран Заев му закажувале судења на два месеци и дека и тие рочишта се одложувале.