Судот одреди 30 дневен притвор за Дурловски


За оперскиот пејач Игор Дурловски одреден е 30 дневен притвор од страна на Кривичниот суд. Тој беше денеска приведен поради насилствата во Собрание на Република Македонија на 27 април годинава.

Дурловски се товари за загрозување на уставниот поредок и на безбедноста како еден од организаторите на протестите водени под името „За заедничка Македонија“.

На пратеничката Жаклина Пешевска Судот и одреди куќен притвор, додека за останатите сè уште се чека да биде објавена судската одлука.

Освен оперскиот пејач Дурловски, МВР денеска по наредба на Основното јавно обвинителство приведе уште 35 лица, меѓу кои и пратениците Крсто Мукоски, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски и Љупчо Димовски, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност и поранешен министер за внатрешни работи, Митко Чавков, како и дел од организаторите на иницијативата „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Борис Дамовски, и Богдан Илиевски.