Судењето за „Труст“ продолжува в четврток


Судењето за случајот „Труст“ продолжува во четврток, откако, на денешното рочиште во скопскиот Кривичен суд, беа сослушувани сведоци за предметот во кој првоосомничен е бизнисменот Сеад Кочан. За овој случај се обвинети уште две физички и три правни лица, меѓу кои и управителите на фирмите „Трансмет“, „Силекс“ и „Вато“ ДООЕЛ од Студеничани, а за учество на тендер на ЕЛЕМ.

Судењето почна со осврт на листата со докази, при што беше посочено дека има двајца сведоци кои ги немало на листата, како и дека сѐ уште има докази на странски јазици кои не се преведени.

Прв беше повикан сведокот на обвинителството Феим Имери од Сарај, кој веќе 26 години има сопствена фирма која се вика „Феим сервос“. Фирмата продава градежни машини и има сервис. Обвинителите од Специјалното јавно обвинителство го испрашуваа сведокот дали навистина продал механизација на фирмата „Трансмет“, колку машини и кога, изложувајќи му фактури и договори.

Имери, иако призна дека тоа се фактури на неговата фирма, не беше сигурен за потписите, бидејќи, како што рече, со текот на годините личниот потпис го менувал.

Според СЈО, доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на мехнизација и за кадровска екипираност, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ за приближно 1.060.000.000 денари, односно 17 милиони евра.

На следната расправа во четврток, пред судот треба да се појави уште еден сведок на Специјалното јавно обвинителство.