(ФОТО) Судењето за „Траекторија“ почна со пауза


Судењето за случајот на СЈО „Траекторија“ само што почна во Кривичниот суд во Скопје и веднаш беше дадена пауза од еден час, затоа што адвокатот Димитар Дангов побара време да се појави во Врховниот суд каде што се одлучува по жалбите за притворите на дел од осомничените за настаните во парламентот на 27 април минатата година.


Во случајот „Траекторија”се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Сите тие се појавија утрово во судот.

На минатото рочиште сите обвинети пред судот рекоа дека не чувствуваат вина за обвиненијата на СЈО, кои се однесуваат на постапката за избор на компанија за изградба на автопатите Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид.

Судот освен “бомбите“ одлучи како доказ да ги прифати и СМС пораките во овој предмет.