Судењето за рушењето на „Космос“ ќе продолжи на 9 февруари


Судењето за случајот „ТНТ“ на СЈО за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот и претседател на Партијата за европска иднина Фијат Цаноски ќе продолжи на 9 февруари. Претходно, на 2 февруари, одбраната треба да ги преземе од судот сите доказни материјали доставени од СЈО. Како што посочија обвинителите станува збор за 26 аудио снимки од телефонски разговори, 50 смс пораки и едно вештачење.

Одбраната претходно бараше да биде одложено нејзиното воведно обраќање додека не ги добие материјалите од судот. Судскиот совет го одби тоа, по што адвокатите се согласија да дадат воведен говор што ќе биде дополнет откако ќе им бидат доставени сите докази – аудио снимки, СМС пораки и вештачењата.

Одбраната истакна дека во постапката ќе докажат оти ниту еден од обвинетите не го сторил делото за кое се товари и дека тоа не постои. Тврдат дека ќе докажат и оти градбата на „Космос“ била надвор од градежните процеси и како таква морала да биде урната. Адвокатите забележаа и дека воведните обраќања ги дава при нерамноправна положба и нееднаквост со СЈО.

Сите седуммина обвинети, меѓу кои и поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешниот министер за траснпорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, се изјаснија како невини на денешното прво рочиште за во предметот „ТНТ“.

Според СЈО, обвинетите во 2011 сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на нивниот политички противник Фијат Цаноски. Обвинителите истакнаа дека обвинението ќе го докажат преку собраните материјали и докази, како и сведочења на лица и вештаци. Според Обвинителството, со постапката на уривање е предизвикана штета од 16 милиони евра, а доплнително на буџетот на општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.

Груевски, Јанакиески, Трајковски и останатите четворица обвинети Елизабета Најдовска, Насер Алев, Марика Зафировска и Александра Димитриева, пред судот кажаа дека не се чувствуваат виновни.

Апелацискиот суд на 4 ноември минатата година одлучи прислушуваните разговори во случајот „ТНТ“ да можат да се користат како докази во судската постапка.