Столтенберг: Македонија ќе добие покана за членство во НАТО само ако го реши спорот за името


Македонија ќе добие покана за членство во НАТО ако го реши чувствителното и тешко прашање за името, изјави генералниот секретар на Западната воена алијанса (НАТО), Јенс Столтенберг.

Во интервју за грчката агенција АНА, Столтенберг изјави дека проширувањето на НАТО е голем успех и истакна дека вратата на овој воен сојуз останува отворена.

„Од крајот на Студената војна, речиси двојно се зголеми бројот на земји членки во Алијансата и тоа помогна да се стабилизира и да се зајакне владеењето на правото во Европа. Проширувањето на НАТО е голем успех“, рече тој.

Столтенберг изјави дека вратата на НАТО останува отворена и на Самитот во јули главен фокус ќе биде ставен на земјите аспиранти за членство, како Босна и Херцеговина и Грузија, но исто така и (ПЈР) Македонија”.

„Навистина ги поздравувам напорите на Скопје и Атина да се обидат да најдат решение за проблемот со името. Го посетив Скопје пред неколку месеци и потоа разговарав со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Ја поздравувам силната политичка поддршка за напорите да се најде решение за ова е многу тешко и чувствително прашање. Но, ако проблемот за името биде решен, НАТО ќе ја повика ПЈРМ за членство“, рече Столтенберг.