Жена настрада во пожар во Охрид


Повозрасна жена настрада во пожар што утрово избувна во стан во зграда на улицата „Туристичка“ во Охрид.

Пожарот бил пријавен од соседите во 7,05 часот во Територијалната противпожарна единица, која веднаш интервенирала локализираќи го пожарот и спречувајќи негово ширење кон другите станови во зградата. Жената веднаш била префрлена во Oхридската болница каде била констатирана смрт.

Првичните информации укажуваат на несреќен случај, а пожарот најверојатно бил предизвикан од догорче од цигара.

Од Основното јавно обвинителство потврдија дека станува збор за 71-годишна жена.

„Опожарениот стан што се наоѓа на високо приземје во повеќекатница, бил веднаш изгаснат од противпожарната служба, притоа е констатирано дека има починато лице: жена на возраст од седумдесет и една година која живеела сама во станот. Во насока на утврдување на причините за настанатиот пожар, јавниот обвинител издаде наредби за прибирање на траги од лице место врз кои претстои вештачење. Ангажирани се вешти лица за вештачење на електричната енергија во станот, како и екипи на крим техника. Основното јавно обвинителство Охрид издаде и наредба за вршење на обдукција над телото на починатата“, соопшти ОЈО.​